Винарство

Ресвератрол, молекул на животот

Сигурно сте слушнале за ресвератрол, полифенолно соединение коe поради својата неверојатна антиоксидантна моќ се смета за суперхерој помеѓу антиоксидантите. Се наоѓа во храна што е синоним за хедонизам – најмногу го има во црвеното вино, темно чоколадо, грозје и боровинки и друго.



Ресвератролот е еден од најсилните борци во нашето тело за борба против многу болести и анти-стареење.
– Го олеснува и спречува воспалението во организмот,
– Може да помогне при дијабетес,
– Го штити срцето и крвите садови,
–  Ја штити кожата од стресот во животната средина,
– Промовира формирање на колаген,
– Го забавува стареењето,
– Го штити мозокот,
-Го подобрува слухот,
– Ja зачувува коскената и мускулната маса итн.

Исто така се смета за “тајната за долгиот живот” или француски парадокс, поради фактот дека Французите немаат проблем со кардиоваскуларни заболувања и покрај тоа што знаеме дека нивната исхрана е богата со заситени масти. Научниците веруваат дека ваквиот резултат е токму поради секојдневното конзумирање на црно вино. Од моментот кога е откриен во 1976 година па до денес, не постои супстанција од растително потекло што предизвикала голем интерес од научната јавност колку што предизвикал ресвератролот.

Што всушност е ресвератрол?

Ресвератрол (3,5,4-трихидроксистилбен) припаѓа на класата на полифенолни соединенија наречени стилбени. Одредени растенија произведуваат ресвератрол и други стилбеноиди како одговор на стрес, повреда, габична инфекција или ултравиолетово (УВ) зрачење. Лозата, Vitis vinifera, го синтетизира кога е нападната од габична инфекција предизвикана од сива мувла Botrytis cinerea. Ресвератролот е растворлив во маснотии. Се состои од два ароматични прстени поврзани со двојна врска. Присуството на двојна врска овозможува постоење на ресвератрол во две изомерни форми, цис и транс. Цис и трансресвератрол можат да бидат слободни или поврзани со гликоза (глукозиди).

Фактори кои влијаат на содржината на ресвератрол во виното

Ресвератролот е присутно повеќе во лушпата на грозјето, отколку во месото (пулпа). Количината на ресвератрол во виното е под влијание на: сортата на грозје, климата, фитосанитарната состојба на грозјето, процесот на муљање, квасецот, примената на ензимите, условите за чување вино. Ресвератролот се наоѓа во поголема количина кај црвените вина отколку кај белите, затоа што при процесот на производство на бели вина, лушпата од грозјето се отстранува порано. Должината на ферментацијата е исто така влијае на процентот на ресвератрол во виното. Во зависност од временските услови, количината на ресвератрол се зголемува или се намалува, така што кога времето е студено и има почесто врнежи, кога растението е поподложно на габични инфекции, ресвератролот е позастапен кај грозјето, за разлика од сувата сезона.

Инаку да напоменеме дека прекумерното консумирање на црвено вино нема да го забрза или подобри вашето здравјето. Докажано е дека, доволно се мали дози на ресвератрол за да го заштитеме организмот од несакани здравствени состојби и болести, додека екстремно високите дози можат да бидат штетни за нашето здравје.