Направи сам/а

Ракија од кајсии и праски

Кајсиите и праските во сосема мали размери се застапени, и тоа првенствено во потоплите реони. Произведените плодови првенствено се употребуваат за јадење или за преработка во безалкохолни пијалоци и производи, како што се разни сокови, џемови и друго. Околу 10 – 15% од производството, и тоа, главно, отпаднатите плодови, се употребуваат за преработка на ракија, поради што нивното производство е во ограничени размери.

Се одгледуваат повеќе сорти кајсии и праски, меѓу кои порани и подоцни со различна сочност и содржина на шеќер. Подоцните сорти се побогати со шеќер и како такви се попогодни за преработка во ракија.

Плодовите од кајсија просечно содржат 8 – 12% шеќер, а учеството на семките изнесува околу 8%. Од 100 кг кајсија просечно се произведуваат 10 – 12 литри ракија со 50% алкохол.

Плодовите од праски просечно содржат 8 – 13% шеќер, а семките учествуваат со 7%. Тие редовно се посочни отколку кајсиите. Од 100 кг праски просечно може да се произведе 11 – 13 литри ракија со 50% алкохол.

Најдобро е плодовите да се гмечат и семките да се отстранат пред ферментацијата. Присуството на семките во голема мера може да го намали квалитетот преку цијановодородната киселина и непожелниот вкус и арома на семки.

Вриењето се извршува во отворени или затворени дрвени каци, а при поголемо производство можат да се употребат и бетонски садови.

Најчесто за дестилација се употребуваат мали казани од 100 – 200 литри со двократна дестилација. Од нив се призведува најквалитетен дестилат и ракија.

Ракиите од кајсии и праски се познати по својот квалитет. Тие имаат специфична пријатна арома, која во голема мера го подобрува квалитетот. Ракиите произведени од кајсии и праски со содржина од 40 – 45% алкохол, преку својата пријатна арома и вкус се сметаат меѓу најделикатесните ракии.