Лозарство

Причина зошто да пробате ФИАНО… Мало грозје кое раскажува прекрасна приказна

fee-ah-no

Фианото е најголемото и најквалитетното бело грозје кое се одгледува во јужна Италија повеќе од две илјади години. Заедно со уште неколку бели сорти на грозје, Фиано може да направи спектар на вина – од лесно до полно тело, суви до слатки, од младо до старо; може да страее и да се подобрува за 10 години и повеќе, што е реткост кај италијанските бели вина. 

Фиано исто така е една од најстарите бели сорти и според хипотезата на Карлучи (1907), била одгледувана уште во античките римски времиња поради синонимот на Фиано, а тоа е Латино. Документацијата на виното Фиано е достапна од дванаесеттиот век,  кога записите покажувале дека кралот Федерико Втори, за време на престојот во Фоџа (Пуља), ги купил вината Греко, Грециско и Фиано за лична консумација. Најверојатно, сортата Фиано е родена во областа Лапио (името на сортата всушност може да потекнува од Апија, потоа Апиано, конечно Лапио и Фиано), мал град лоциран источно од Авелино, на околу 590 метри надморска височина.

Вистинското Фиано било исклучително ретко, тотално заборавена сорта до 1970 година, поради тоа што била тешко погодена од кризата на филоксера и поради нискиот принос и малото количество на сок кое се сметало за неостварливо. Но, за среќа денес е прифатлива по својата сложеност и експресивни квалитети и може да се каже дека Фиано е извонредна успешна приказна и пример за тоа што може да се изгуби со тоа што не се обрнува внимание. Всушност, Фиано е одлично грозје кое сега активно се сади во други региони, вклучувајќи ги Марке, Базиликата, Пуља и Сицилија, како и надвор од Италија во Калифорнија и Австралија, а од оваа година и во Македонија. 

Ампелографски, Фиано има средно мали (150-220 грама), пирамидални гроздови, крилести и збиени и средни, овални плодови со дебела, жолто-зелена лушпа кои покажуваат кафени дамки кога се зрели. Подоцна зрее (обично се бере во октомври), многу е чувствителна на oidium, а помалку на пероноспора; и поради нејзината дебела лушпа е отпорна на Ботритис. 

Како што споменавме на почетокот, сортата Фиано се одгледува во Јужна Италија, или како што би рекле италијанците “на глуждот од чизмата”, а најпознато вино е Fiano di Avellino кое се произведува во регионот на Кампанија, од лозја одгледувани на вулканските падини на Авелино, источно од Неапол. Вулканските почви се најдобри за Фианото, бидејќи тие овозможуваат формирање на проникливи чисти минерални и извонредно овошни ароми. Тероарот е од големо значење за Фианото и може да има големо влијание врз готовите вина. Оваа сорта може да развие сладост што ја прави исклучетелно привлечна за пчелите како што се наведува во неговото традиционално име, Vitis apiana (лозата сакана од пчелите). 

Многу производители користат различни техники за да играат со природните квалитети на Фиано. Најважниот од нив е контактот со талогот, процес во кој виното останува да созрее со нус-производите од ферментацијата: мртви клетки од квасец, семиња и делови од лушпа, како и други честички. Овој контакт може да додаде текстура и тежина на готовите вина, како и додаден вкус.

Ова вино најдобро функционира со морска храна – печена риба, школки и сл. Совршено е и со вегетаријански тестенини, бидејќи киселоста во виното го неутрализира богатството на сосови базирани на крем и ја надополнува киселоста на рецепти базирани на домати. 

И за крај, органолептички карактеристики на Македонското Фиано: 
Раскошно, хармонично, добро избалансирано вино со препознатлива арома на мед и лешник. На вкус овошно со силен и траен завршеток. 

Производители на ова прекрасно вино се винаријата ВВМ ГД Тиквеш и можете да го најдете во нивната винотека која се наоѓа во Кавадарци. 

Виното Фиано е свежото лице на сцената на бели вина во Македонија!