Винарство

Основна карактеристика на виното: БОЈАТА!

Основна карактеристика на виното: БОЈАТА!

Првата евалуација на виното е анализа на бојата! Но, дали знаете колку видови на боја постојат помеѓу различните сорти на вино? Првата селекција ги идентификува трите големи категории што сите луѓе ги знаат:

  • бела,
  • розе и
  • црвена.

Овие категории имаат различни нијанси на бои кои се детерменирани од хемиски / физички карактеристики на виното. А како Вие да ја процените бојата на виното и да го дознаете значењето на истата продолжете да го читате овој текст. 

Најдобро ќе ја дефинирате бојата ако земете бела позадина, лист хартија или бела салфетка. Наклонете ја чашата под агол од 45 степени и обрнете внимание на длабочината и интензитетот на бојата на виното.

 

Бели вина

Бојата на белите вина може да биде: 

  • зеленикаво жолта,
  • слама жолта,
  • златно жолта и 
  • килибар.

 

Розе вина 

Бојата на розе вина може да биде од многу светла како што е бојата на: 

  • црвен кромид – вина добиени со кратка мацерација на црвено грозје (2 до 3 часа),
  • боја на цреша – вина добиени со средна мацерација на црвено грозје (6 до 10 часа).
    и најбараните се со боја на
  • лосос – вина добиени со долга мацерација на црвено грозје (10 до 24 часа).

 

Црвени вина

Бојата на црвени вина може да биде: 

  • пурпурно црвена,
  • рубин црвена,
  • гранат црвена и 
  • портокалово црвена.

 

Повеќе фактори влијаат на бојата на виното. Некои од нив се:

  • староста на виното, 
  • потекло на виното,
  • сортата на грозјето,
  • винификацијата,
  • мацерацијата и други. 

 

  • Доколку белото вино е постаро ќе имаме жолтеникава боја која ќе се движи од златно – жолта до темна килибар нијанса. Килибар нијанса имаат и оксидираните вина. 
  • Доколку доаѓа од постудена клима, виното ќе има посветла боја за разлика од вината кои се од потоплите региони поради количината на пигментите кои се наоѓаат во лушпата на грозјето. 
  • Доколку вината се зреени во дрво ќе имаат златно – жолта нијанса. 
  • Црвените вина за разлика од белите кои со годините потемнуваат, ја губат својата боја во талогот. Честопати знаат да примаат кафеави нијанси. 
  • Доколку белото вино е зреено во дрво нивната боја ќе биде подлабока, додека кај црвените вина кои подолго време се зреени во дрво ќе се јават посветли тонови. 
  • И црвените и белите вина што доаѓаат од потоплите региони ќе имаат потемна боја од вината што доаѓаат од постудените клими. 
  • Црвените сорти на грозје како што се каберне совињон, сира / шираз и други даваат потемни вина, бидејќи лушпата им е подебела. 
  • Додека сорти на грозје, како што се пинот ноар, даваат вина со посветла боја и нежни проѕирни нијанси. 

И што друго можеме да дознаеме во виното освен бојата?

Виното се вкусува со анализа преку вид (визуелно), вкус и мирис. Со визуелна анализа ја откриваме бојата на виното, бистрината, конзистентноста, а со пенливо вино ги набљудуваме меурчињата. Со анализа по пат на мирис се обидуваме да ги дефинираме мирисите и ги ставиме во соодветна група на арома. Дали се тоа примарни, секундарни или терцијарни ароми.  Размислуваме за нивниот интензитет и квалитетот на таа комплексност. Со дегустација на виното, ние го разгледуваме телото или општата структура на виното, перципирајќи киселини, танини, минерални соли кои ја сочинуваат тврдата страна на виното. Со осетот за вкус размислуваме за шеќерите и алкохолот во виното. Откако ќе ги утврдиме и дефинираме сите компоненти во виното, ќе донесеме заклучок за хармонијата, рамнотежата и потенцијалот на стареење на виното.

Дали сте подготвени за вашата органолептичка анализа на виното? Сигурна сум дека после ова бојата на виното во вашата чаша ќе добие многу подлабоко значење