почетна, Совети/Друго

Зошто не можеме да направеме разлика помеѓу лошото и доброто вино?

ЗАБЛУДА: Виното е комплициран еликсир, полн со суптилни вкусови, само експерт може вистински да разликува, а искусните дегустатори се непропустливи на измама.

ВИСТИНА: Експертите и потрошувачите можат да бидат измамени и изневерени во нивните очекувања.

Во потрага сте по добро вино. Ги скенирате рафтовите во маркетите. Сите тие чудни форми на шишиња, илустрации на замоци, лозја… Сите тие сорти… Ризлинг, Шираз, Кабернет, Шардоне, Мерлот. Гледате налево и гледате шишиња за околу 200 денари, десно, гледате шишиња за 1200 денари. Почнувате да размислувате на сите времиња кои сте ги поминале со пријателите дегустирајќи и коментирајќи ги танините, бурињата и квалитетот… На крај доаѓате до заклучок дека најскапото вино би требало да биде подобро, нели?

Епа, грешка сте.
Дегустацијата на вино е голема работа за многу луѓе, може дури да биде и професионална кариера. Се навраќа илјадници години, но модерната верзија со целата нејзина терминологија како белешки, солзи, интеграција и поврзаност се враќа неколку стотици. Дегустаторите на вино ќе спомнат и почуствуваат секакви работи во доброто вино како да се човечки спектрографи. Сепак, истражувањата покажуваат дека ваквата перцепција може да биде “киднапирана”, измамена и може да биде сосема погрешна.

Во 2001 година, од страна на Фредерик Броше биле спроведени два експерименти на Универзитетот во Бордо. Во еден експеримент, земал 54 енолози заедно со студенти, и ги натерал да вкусат: една чаша црвено вино и една чаша бело вино. Ги замолил да го опишат секое вино во детали толку колку што ќе дозволи нивната експертиза. Она што не им го кажал е дека и двете биле исти вина. Само што белото го обоил во црвено. Во другиот експеримент од експертите побарал да оценат две различни црвени вина. Едното вино било скапо, а другото ефтино. Измамата била дека тој всушност ставил ефтино вино и во двете шишиња. Кои биле резултатите?
Во првиот експеримент, дегустаторите обоеното вино го опишувале како да е навистина црвено вино и сè што може да детектираат во црвено вино, танини и тн. Ниеден од 54 енолози кои биле задолжени за експериментот, не кажал дека е бело вино. Во вториот експеримент, ефтиното вино кое било во скапото шише го опишале како комплексно, а виното во ефтиното шише го опишале како слабо и рамно.

Наидов и на друг експеримент кој бил направен со 5 шишиња вино. Цената се движела од 5 до 90 долари. Слично како и претходиот експеримент, ефтиното вино било ставено во скапите шишиња, но овој пат дегустаторите биле ставени на скенер за испитување на мозок. При дегустирање исти делови од мозокот светнале на машината, но при дегустирање на тоа вино за кое мислеле дека е скапо само одреден регион од мозокот станувал поактивен.

Па, се поставува прашањето: Дали во модерниот свет дегустирањето на виното е непотребно? Не баш!

Дегустаторите на вино во горенаведените примери биле под влијание на очекувања.
Објективноста на експертите за вино и моќта на вкусот под нормални услови може да доведе до неверојатни резултати, но со манипулативната околина креирана од страна на Фредерик Броше тие биле доведени во заблуда доволно колку да им ја оспори нивната способност за донесувате добра евалуација. Сопственото очекување на експерт може да дејствува како слабост на нивните супермоќи. Очекувањето, како што се испоставува, е исто толку важно како и суровата сензација. Градењето на искуство може тотално да го смени начинот на интерпретирање на информациите што стигнуваат до нашиот мозок од објективните сетила.
Во психологијата, вистинската објективност се смета дека е невозможна. Емоциите, мемориите и претходните случувања влијаат на секое ново искуство што го стекнуваме. Нашите очекувања имаат поголемо влијание врз одлуката во нашата глава отколку она што ние веруваме дека е реалност. Кога пробуваме вино, кога гледаме филм, кога слушаме музика преку многу скапи кабли, дел од она што го искусуваме доаѓа од очекувањата, а дел не. Скапото вино е исто како другите скапи луксузни работи. Очекувањето дека скапо вино има подобар вкус, всушност го прави да има подобар вкус.

Презентацијата е сè. Презентација, цена, добар маркетинг, одлична услуга – сето тоа води до очекување на квалитет. Вистинското искуство на крајот на сето ова е помалку важно.
Низа од лоши оцени ќе го направат филмот лош, а многу позитивни критики може да не одведат во друга насока. Ретко се случува да гледам филм во социјален вакуум, без влијанија за оцени и критики. Нашите очекувања се коњот, а искуството количката. И ова е уште еден пример дека не можеме да направиме разлика помеѓу лош и добар квалитет. Стануваме се помрзеливи кога станува збор за личен избор, бидејќи сè повеќе работите што ни се сервираат ги земаме здраво за готово и веруваме тоа е вистинското за нас.