Винарство

Балансот во виното е исто важен како во животот

Постигнување на баланс во виното со сигурност е најтешкиот дел од производството, а клучот лежи во исправната локација, времето на берба, употреба на даб итн. Времето на берба е најкритично и не му се дава доволно кредибилитет.

Балансот е апстрактен, ретко дефиниран термин кој се користи при анализирање на квалитетот на виното. Тој претставува субјективна хармонија помеѓу сите компоненти на виното кои произведуваат вкусови и хаптички карактеристики, вклучително со киселините, преостанатиот шеќер, алкохолот, танините, а притоа да не доминира ниту една компонента.

Балансирано

Со над 300 хемиски состојки во виното, невозможно е аналитички да се дојде до одредување на балансот, па затоа квалитетот на виното го утврдуваме со личен вкус или ги испитуваме само овие четири компоненти.
Балансот е лична естетика која тешко се опишува, а воедно најпосакувана особина во квалитетно вино; избалансираните вина се симетрични и имаат тенденција да стареат благодатно. Балансот е концепт што навидум изгледа многу едноставен, но е доста предизвикувачки.

Што се случува кога виното нема баланс?

Небалансирани киселини

Киселините во виното ја намалуваат сладоста, му дава цврстина и живот, влијаат на текстурата и чувството. Исто така, имаат тенденција да ги зголемат танините. Со недоволно киселини виното ќе биде рамно досадно, без живот, осеќате тежина додека пиете, но мртва тежина, потсеќа како да пиете сода, а со прекумерната количина ќе биде кисело, грубо, непријатно, остро. Хармонијата помеѓу шеќерот и киселините е најважниот аспект на баланс на виното и треба да се стремиме кон нивно усогласување.

Небалансиран шеќер

Шеќерот во виното ги истакнува овошните вкусови, ја балансира киселоста и горчината, го омекнува јакиот алкохол, покрај сладоста влијае и на текструрата на виното. Вино со премногу шеќер е премногу слатко и тешко за пиење, рамно и мачно и воопшто не освежувачко. Додека, вино без доволно шеќер е тенко, кисело и остро.
Засладување на виното е чест начин кој се користи во производството на вино за да се избалансираат киселините и истакнат овошните вкусови. Во некои земји е дозволен шеќерот, кај нас се користи гроздов концентрат.

Небалансиран алкохол

Алкохолот дава вискозност и тело на виното, топлина и одреден степен на сладост. Исто така, помага во скротување на танините и балансирање на шеќерот. Ако алкохолот е премногу висок тоа тешко може да го игнорираме. Вината со прекумерен алкохол честопати се опишуваат како “жешки”. Тие можат да бидат тешки, слаби, без овошни караткеристики, а тоа го прави виното да биде непријатно за пиење. Додека, вината без доволно алкохол ќе бидат слаби и тенки. Даваат чувство дека нешто недостасува, нешто фали…

Небалансирани танини

Танините во белите вина се прилично пониски за разлика од црвените вина. Тие придонесуваат за тежината и текстурата во виното и обезбедуваат горчина која може да ја избалансира сладоста.
Ако виното е премногу танично на вкус ќе биде суво или адстрингентно. Тоа ќе го почувствувате на внатрешноста на образите. Ќе изгледа грубо и премногу структурирано.
Танините исто така обезбедуваат чувство на структура на виното. Тоа значи ако нема доволно силни танини, виното може да се чувствува “неподдржано”. Танините се црево за поддршка кое држи се на свое место.

Небалансирано овошје

Овошјето не е една од главните компоненти, но има огромна улога во балансот на виното. Вина со прекумерни карактеристики на овошје едноставно се како сок – рамни и едно-димензионални. Додека, вината без доволно овошни карактеристики може да биде опишано како “мртво”. Ова може да се случи кога виното е премногу старо или оштетено од екстремни температури или едноставно не се развило правилно.

Запомнете, не постојат идентични нивоа на било која компонента од споменатите. Вината со алкохол над 15% не стануваат автоматски небалансирани вина сè додека останатите компоненти се соодветно моќни.

Неколку факти за балансот кои ќе ви помогнат дополнително да го дефинирате:

  • Голем број на описни термини се користат за да се опишат вина што не се балансирани: Тешко или грубо или адстрингентно: премногу адстрингентни танини. Дебело или бујно: богато и концентрирано. Тенко: недостаток на овошје итн. Термините кои се комплементарни описи за вина со баланс: Еластично се однесува на хармонично и меко вино. Јасно или живо опишуваат пријатно чувство за киселост.
  • Балансот на виното зависи од температурата. Танините се поизразени и виното е покисело кога е изложено на ниска температура. Алкохолот е поизразен на повисока температура.
  • Балансот на виното е деликатна интеракција. Зголемување на еден елемент може да ја замагли перцепцијата на друг елемент. На пример, танините се попријатни ако киселоста е пониска, а алкохолот повисок. Киселоста се перцепира како интегрирана кога процентот на алкохол е повисок.
  • Билансот е индикатор за способноста на стареење на виното. Киселоста и балансот се клучните фактори кои ја одредуваат способноста на стареењето на виното.
  • Многумина веруваат дека виното со висок алкохол над 15% не може да биде избалансирано вино, а многумина и не веруваат и ова станало спорно прашање. Нискиот алкохол не е гаранција за баланс на виното и вината со алкохол 13,5%, може да бидат неизбалансирани.
  • Може ли неизбалансираното вино да стане балансирано со тек на време затворено во шише? Се смета дека ако виното не е избалансирано кога ќе се исфлашира никогаш нема ни да биде.
  • Балансот и стилот на виното се испреплетени и стилот на виното честопати ја диктира можноста за баланс.